Шеснаесетгодишен тинејџер од Австрија, кој веќе двапати бил осудуван поради планирање терористички напади, повторно е на слобода, но поради проценетиот ризик се наоѓа под засилен полициски надзор.
Според австрискиот „Кроне Цајтунг“, момчето првпат дошло во фокусот на полицијата во февруари 2025 година, кога како 14-годишник планирало напад на железничката станица Вестбанхоф во Виена.
Истрагата утврдила дека се радикализирал преку социјалната мрежа TikTok. При претрес биле пронајдени скици поврзани со планираниот напад, како и материјали за кои истражителите се сомневале дека биле наменети за подготовка на експлозивна направа.
По првата пресуда бил условно ослободен, но само четири недели подоцна повторно завршил во притвор, откако се обидел да набави борбен нож.
При проверка на неговиот мобилен телефон, полицијата пронашла пребарувања поврзани со оружје и експлозивни направи. Во март годинава повторно бил изведен пред суд и осуден.
Тинејџерот потоа бил сместен во затвор во Клагенфурт. И покрај предупредувањата од затворски психолог дека може да претставува сериозен ризик, на крајот на август повторно бил предвреме ослободен.
По неговото излегување на слобода биле активирани засилени безбедносни мерки. Според тврдењата на австриската ФПО, за секојдневното следење на тинејџерот се ангажирани околу 20 полицајци, додека специјалната единица „Кобра“ е во состојба на готовност.
Претставникот на ФПО и полициски синдикалец Рајнхолд Мајер јавно ја критикувал одлуката за предвремено ослободување, оценувајќи дека големиот полициски ангажман сега претставува дополнителен товар за службите.








