Интерпол предупредува: Вештачката интелигенција отвора нови можности за криминалците
Развојот на вештачката интелигенција и дигиталните начини на плаќање целосно го менува начинот на кој функционира организираниот криминал, поради што меѓународната полициска соработка станува поважна од кога било, порача генералниот секретар на Интерпол, Валдеси Уркиза.
Во интервју за телевизија Сител, Уркиза истакна дека современите криминални групи дејствуваат преку граници, брзо префрлаат финансиски средства и користат напредни технологии за да ги прошират своите активности низ светот.
Тој нагласи дека Северна Македонија има значајна улога во рамките на Интерпол, посочувајќи дека двајца македонски претставници работат во седиштето на организацијата, а еден од нив ја раководи глобалната програма за бегалци, барани и исчезнати лица.
Според Уркиза, македонските институции активно учествуваат во меѓународните операции против трговијата со дрога, луѓе и оружје, додека Полициската академија од минатата година е дел од глобалната мрежа на Интерпол.
Тој предупреди дека вештачката интелигенција им овозможува и на лица без големо техничко знаење да извршуваат сложени кибернапади, да автоматизираат измами и да таргетираат поголем број жртви.
Од друга страна, Уркиза посочи дека и полициските служби сè повеќе користат алатки базирани на вештачка интелигенција за анализа на огромни количини податоци и побрзо откривање на криминални активности.
Како најголеми глобални закани тој ги издвои организираниот криминал поврзан со трговијата со дрога и сè пософистицираниот киберкриминал, нагласувајќи дека ниту една држава не може сама успешно да се справи со овие предизвици.









