ПРВ.мк
Магазин

КРАЛСКИ БОГАТСТВА: Принцот Вилијам официјално побогат од својот татко

КРАЛСКИ БОГАТСТВА: Принцот Вилијам официјално побогат од својот татко

Принцот Вилијам, наследникот на британскиот престол, според најновите финансиски извештаи за Sovereign Grant, располага со нето богатство од околу 1,6 милијарди долари, со што го надминал својот татко, кралот Чарлс Трети.

Најголемиот дел од ова богатство доаѓа од Војводството Корнвол – приватен кралски имот кој Вилијам го презеде во 2022 година, кога Чарлс стана крал. Според објавените податоци, принцот во фискалната 2025/2026 година остварил приватен приход од околу 28,5 милиони долари, а откако ја презел улогата на принц од Велс, платил и повеќе од 26 милиони долари данок.

За разлика од него, кралот Чарлс сè уште не го достигнал статусот на милијардер. Според листата на Sunday Times Rich List, неговото лично богатство се проценува на околу 846 милиони долари, што е зголемување во однос на претходната година, но сепак значително помалку од богатството на неговиот син.

Војводството Корнвол, кое е еден од најважните извори на приходи на принцот Вилијам, ги финансира неговите службени, хуманитарни и приватни активности, како и активностите на неговото семејство – принцезата Кетрин и нивните три деца.

Овој имот постои уште од 1337 година, кога бил основан од кралот Едвард Трети, со цел да обезбеди приходи за наследникот на престолот. Денес се простира на околу 205 квадратни милји земјиште во повеќе од 20 окрузи низ Обединетото Кралство.

Според британски медиуми, принцот Вилијам планира во следната деценија да продаде околу 20% од имотот и приходите да ги насочи кон изградба на станови и проекти за заштита на природата.

„Сакаме да направиме позитивна промена. Приоритет ќе имаат проектите кои го подобруваат животот на луѓето во тие заедници“, изјавил принцот.

Кралот Чарлс претходно управувал со Војводството Корнвол цели 53 години, од 1969 до 2022 година, кога по смртта на кралицата Елизабета Втора ја предаде контролата на Вилијам.