Денеска, 25 декември, Божик го слават и некои православни европски народи како Романците, Грците и Бугарите, но причината за тоа не е само усвојувањето на грегоријанскиот календар, туку поврзана со новојулијанскиот календар, создаден од српскиот научник Милутин Миланковиќ.
Миланковиќ го дизајнирал овој календар со цел да го подобри јулијанскиот и да го реши проблемот со двојното празнување на религиозните празници во Кралството Југославија. Претходно, празниците се славеле двапати – католички според грегоријанскиот календар и православно 13 дена подоцна, што значително ја оптоварило економијата.
На Сеправославниот конгрес во Истанбул во мај 1923 година, Миланковиќ го претставил својот календар, кој бил одобрен од православните цркви на Грција, Романија и Бугарија. Новојулијанскиот календар, познат и како миланковиќев, се карактеризира со поголема прецизност од грегоријанскиот – за разлика од грегоријанскиот, кој испушта три престапни години на секои 400 години, стариот јулијански испушта седум на секои 900 години.
Оттогаш, овие цркви го слават Божик на 25 декември според новојулијанскиот календар, а не според грегоријанскиот. Српската православна црква не го усвоила календарот поради несогласувања со кралот Александар и фактот дека календарот во голема мера се совпаѓал со грегоријанскиот.
Денес, новојулијанскиот календар го користат 10 од 14 автокефални православни цркви, вклучувајќи ги Цариградската, Александриската, Антиохиската, Грчката, Кипарската, Бугарската и Романската православна црква, како и помалите православни цркви во Полска, Чешка, Словачка и Албанија. Многу православни парохии во САД кои традиционално користат стариот календар, вклучувајќи ја и Московската патријаршија, исто така го применуваат новојулијанскиот календар. По почетокот на руската војна во Украина, кон овој календар се приклучи и Украинската православна црква за да се дистанцира од Москва.
Православните цркви кои останале на стариот јулијански календар, како Српската, Московската и Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, го користат заради традицијата и верската практика.
Според пресметките, разликата помеѓу новојулијанскиот и грегоријанскиот календар ќе стане забележлива дури во 2800 година, што ја прави оваа реформа практична и долгорочна.
















