ПРВ.мк
Магазин

Вечната дилема конечно решена: Од мајката или од таткото – од кого ја наследуваме интелигенцијата?

Вечната дилема конечно решена: Од мајката или од таткото – од кого ја наследуваме интелигенцијата?

Долго време се дебатира дали децата интелигенцијата повеќе ја наследуваат од мајката или од таткото. Иако генетиката игра важна улога, научниците нагласуваат дека развојот на интелигенцијата е многу посложен процес и зависи од комбинација на наследни и средински фактори.

Според дел од научните истражувања, гените кои влијаат врз когнитивните способности во значителна мера се поврзани со X-хромозомот. Бидејќи жените имаат два X-хромозоми (XX), а мажите еден X и еден Y (XY), постои можност децата почесто да наследуваат дел од овие генетски карактеристики од мајката.

Истражувања, пренесени од YourTango и базирани на научни анализи, наведуваат дека гените поврзани со интелигенцијата се лоцирани на X-хромозомот. Дополнително, експерименти спроведени врз лабораториски глувци покажале разлики во развојот на мозокот во зависност од тоа дали доминираат мајчините или татковите гени. Сепак, научниците предупредуваат дека резултатите од животински модели не можат директно да се пресликаат кај луѓето.

Покрај наследноста, огромно влијание има и средината во која расте детето.

Истражување на Универзитетот во Вашингтон покажало дека силната емоционална поврзаност меѓу мајката и детето придонесува за подобар развој на хипокампусот – делот од мозокот задолжен за меморијата, учењето и справувањето со стресот.

Во седумгодишната студија било утврдено дека децата кои добивале поголема емоционална поддршка и грижа имале хипокампус кој бил во просек околу 10 проценти поголем во споредба со децата кои растеле со помала емоционална поврзаност.

Експертите нагласуваат дека интелигенцијата не е однапред целосно одредена со гените. Квалитетното образование, љубовта и поддршката од семејството, правилната исхрана, физичката активност и средината во која расте детето имаат значајна улога во развојот на неговите когнитивни способности.

Со други зборови, иако генетиката поставува основа, начинот на кој детето расте и се развива е подеднакво важен за формирањето на неговиот интелект.