Министерот за култура и туризам Зоран Љутков истакна дека е особена чест што токму на денот кога се одбележуваат 115 години од раѓањето на Мајка Тереза, во нејзината спомен-куќа се отвора изложбата со симболичен наслов „Мирот започнува со насмевка“. Според министерот, овој наслов ја пренесува суштината на нејзината порака – дека љубовта, добрината и мирот секогаш започнуваат од најмалите, но искрени гестови.

Љутков потсети дека спомен-куќата на Мајка Тереза е значајна институција под надлежност на Министерството за култура и туризам, која не претставува само место за сеќавање, туку и простор за инспирација и промоција на вредностите што ги застапуваше најголемата хуманистка на нашето време.

Во своето обраќање, министерот нагласи дека Мајка Тереза е симбол на човечноста и безрезервната грижа за другите. Со денешната изложба, рече тој, не само што се оддава почит на нејзината оставина, туку се потсетуваме и на обврската да ги негуваме нејзините пораки и да ги пренесуваме на новите генерации.

Љутков додаде дека токму во нејзина чест во Собранието на Македонија ќе биде доделена и државната награда „Мајка Тереза“ на личности кои со својот хуман ангажман го продолжуваат нејзиниот пат. Оваа година признанието ќе го добијат Борче Стаменов од иницијативата „Донирај компјутери“ и д-р Ирфан Ахмети, ендокринолог од Универзитетската клиника за ендокринологија.

„Нашата задача како општество е да ги чуваме и промовираме универзалните вредности – љубовта, солидарноста и мирот, а Министерството за култура и туризам и понатаму ќе ги поддржува проектите што ја шират пораката на Мајка Тереза“, порача министерот Љутков.

На крајот тој упати повик до сите граѓани да ја посетат изложбата и да се потсетат на едноставната, но силна мисла на Мајка Тереза – дека насмевката е првиот чекор кон подобар и похуман свет.
