Во Струга синоќа беа отворени 64. Струшки вечери на поезијата, еден од најпрестижните меѓународни фестивали на поетскиот збор. На свеченото отворање говор одржа министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој истакна дека Струга е „градот каде што езерото и зборот се прегрнуваат, каде што секое бранување на Дримот одекнува како стих“.

Ова издание на фестивалот е посветено на глаголицата, во годината кога се одбележуваат 80 години од кодификацијата на македонскиот литературен јазик. „Глаголицата не е само писмо, туку душа на зборот“, порача Љутков, нагласувајќи дека буквите се наш „корен, идентитет и вечност“.

Министерот го истакна и значењето на манифестацијата како културен амбасадор на државата: „Струшките вечери на поезијата не се само културен настан, туку и платформа за светска соработка, дијалог, едукација и културна дипломатија. Нашата обврска е да ја чуваме и надградуваме оваа традиција, да создадеме услови таа да живее и во иднината.“

Во своето обраќање, Љутков порача дека поезијата е потребна токму во време на предизвици: „Поезијата ни потврдува дека зборот не старее, дека стихот има моќ да нѐ обедини, да нѐ инспирира и да нѐ води напред.“
Со зборовите „Ги прогласувам 64. Струшки вечери на поезијата за отворени!“, министерот официјално ја означи новата поетска одисеја покрај бреговите на Дрим.

