Вчера во Штип се оживеа историјата на македонската опера со гала концерт во Домот на културата „Ацо Шопов“. Под диригентство на Бисера Чадловска, солисти и Оркестарот на Националната опера и балет изведоа арии и интермецо од првата опера во Македонија – „Палјачи“ од Руџеро Леонкавало, како и дела од Пучини, Верди и Бизе.

Настапија врвни солисти меѓу кои Павлина Новакова-Георгиев, Ристе Велков и Елена Голомеова, носејќи го духот на македонската оперска традиција пред љубителите на музиката. Со овој концерт, се оддаде чест на Сергеј Михајлов, основоположникот на оперската уметност во Македонија, кој пред точно еден век ја постави „Палјачи“ во Штип.

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, истакна дека со ваквите свечености се потврдува континуитетот и важноста на македонската оперска сцена, како дел од богатото културно наследство на земјата.



