ПРВ.мк
Балкан

Разрешен командантот на српската Специјална антитерористичка единица: Одбил да интервенира против протестирачите

Разрешен командантот на српската Специјална антитерористичка единица: Одбил да интервенира против протестирачите

Долгогодишниот командант на српската Специјална антитерористичка единица (САЈ), Спасоје Вулевиќ, е разрешен од должност и формално ќе се пензионира од понеделник, пренесува Н1 повикувајќи се на извори. Вулевиќ тврди дека неговото разрешување следело по барање на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Според извештаите на „Радар“, командантот во повеќе наврати одбил барања неговата единица да интервенира против граѓани на протести, што било причина за неговото отстранување. Паралелно со заминувањето на Вулевиќ, обезбедувањето на амбасадата на САД, кое САЈ го вршела речиси две децении, постепено го презема Единицата за заштита – ЈЗО, под командата на Марко Кричак.

Вулевиќ беше началник на САЈ речиси две децении и член на МВР од 1993 година. Тој е првиот српски полицаец дипломиран на престижната Академија на ФБИ, а за време на неговото командување САЈ „останала впечатливо чиста, со професионално обучени и дисциплинирани членови“, како што наведува „Време“.

Весникот додава дека Вулевиќ „одбил да ја трансформира САЈ во преторијанска гарда на владата“, што било сфатено како непослушност од страна на политичката елита. Неговиот авторитет станал пречка токму затоа што не сакал единицата да се користи во акции против граѓаните.

Заминувањето на Спасоје Вулевиќ се смета не само за крај на една ера во САЈ, туку и како политички сигнал дека на врвот на полициските сили нема место за оние кои не се подготвени да ја стават единицата во функција на репресија врз граѓаните.

Escape