По синоќешната крвава интервенција на полицијата на кампусот на Универзитетот во Нови Сад, денеска улиците на Србија беа преплавени со протести. Илјадници граѓани, студенти и активисти излегоа за да ја искажат својата револт против, како што велат, бруталната и непотребна акција на полицијата.
Од центарот на протестите во Нови Сад се слушаат пораки на отпор: „Ќе одговарате. Ќе одговарате. Ќе одговарате“. Студентите кои учествуваат во блокадите тврдат дека синоќешните инциденти биле претходно планирани и инсценирани, со цел да се репресира мирното студентско движење. „Оние кои го нарачаа синоќешниот варваризам се свесни дека институционалното решавање на кризата би ги довело до доживотен затвор и се подготвени да ја жртвуваат Србија за да се спасат себеси“, истакнуваат тие.
Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ потврди дека 13 полицајци се повредени, а 42 лица се приведени. Полицијата останува распоредена пред Ректоратот и Филозофскиот факултет. Деканите на неколку факултети на Универзитетот во Нови Сад побараа оставка од ректорот Дејан Мадиќ, нагласувајќи дека токму на неговиот кампус полицијата употребила неселективна сила врз мирните студенти.
„Насилното однесување на неколку демонстранти не може да биде изговор за неселективна употреба на хемиски средства против илјадници граѓани,“ стои во нивната заедничка изјава.
Ситуацијата доби и меѓународна димензија – групата социјалисти и демократи во Европскиот парламент остро го осуди полициското насилство и изјавите на претседателот Александар Вучиќ, кој европратениците ги нарече „олош“.
Видео: