ПРВ.мк
Магазин

Вечерва Месечината ќе се претвори во „крвава“ – феномен што Македонија го чекаше повеќе од една деценија

Вечерва Месечината ќе се претвори во „крвава“ – феномен што Македонија го чекаше повеќе од една деценија

Вечерва, 7-ми септември, љубителите на астрономијата ќе имаат уникатна можност да станат сведоци на целосно затемнување на Месечината, феномен кој во Македонија не бил видлив од 2011 година. Иако во изминативе години се случувале лунарни еклипси, поради положбата на Месечината тие не биле видливи кај нас.

Затемнувањето на Месечината, познато и како лунарна еклипса, се случува кога Земјата се поставува точно помеѓу Сонцето и Месечината. Земјата ја фрла својата сенка врз сателитот, што предизвикува негово затемнување. Постојат три видови на лунарни еклипси:

  • Целосно затемнување – Месечината целосно се наоѓа во сенката на Земјата. Иако не станува сосема црна, дел од сончевата светлина минува низ атмосферата и се распрснува, а Месечината добива црвено-портокалова нијанса, позната како „крвава Месечина“.
  • Делумно затемнување – Земјата создава делумна сенка на Месечината, која делумно го затемнува нејзиниот сјај.
  • Пенумбрална еклипса – најмалку видлив вид, каде Земјата засенува само дел од Месечината и лесно може да се пропушти ако не се набљудува внимателно.

Месечината ќе изгрее во 18:54 часот, но ќе биде ниско на хоризонтот и тешко видлива. Процесот на целосно затемнување ќе започне околу 19:30 часот, а пикот на феноменот ќе се случи во 20:11 часот, кога Месечината ќе добие својата црвено-портокалова боја. Целосното затемнување ќе трае до 20:52 часот, а делумното ќе може да се набљудува до 21:56 часот. Овој астрономски настан ќе биде видлив низ цела Европа, што значи дека и на одмор во европските дестинации ќе може да се ужива во уникатното шоу.

Лунарната еклипса е безбедна за гледање без посебна заштита за очите, за разлика од сончевото затемнување. За најдобар поглед, препорачливо е да се одите на неосветлено место, но дури и од градските средини ќе биде видливо. Обичен двоглед може да го зголеми визуелното доживување, а ведрото време ќе ја направи вечерва незаборавна за сите љубители на астрономијата.

Escape