Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти дека барањето за воздушно дејствување врз пожарот што беснее помеѓу селата Никуштак и Орланци во општина Липково е веќе процесуирано до Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и до Национални шуми. Моментално сите летала се ангажирани на големиот пожар во Беровско, но доколку во попладневните часови не бидат потребни таму, ќе бидат преупатени да интервенираат на Липковско и по сртот на Скопска Црна Гора.
Пожарот во Липково се наоѓа во непристапно подрачје без патишта, што го прави пешадиското дејствување речиси невозможно. Огнот се шири по сртот кон селата и се бара итна интервенција од воздух за да се спречи понатамошно ширење.
Истовремено, пожарот во Беровско, во близина на село Русиново, зафаќа дабова и букова шума, како и папрат, и моментално е приоритет за ангажираните противпожарни летала.
ЦУК потенцира дека, веднаш штом условите дозволуваат, леталата ќе бидат преупатени кон Липковско за да се интервенира што е можно побрзо и ефикасно.