Американскиот претседател Доналд Трамп денес од Белата куќа објави дека е подготвен за „втората фаза од санкциите против Русија“ поради војната во Украина. Според него, трпението на Вашингтон кон Москва е при крај, особено по средбата со Владимир Путин минатиот месец, по која досега се воздржуваше од построги мерки.
„Подготвени сме да го зголемиме притисокот врз Русија, но сакаме и европските партнери да застанат зад нас“, изјави министерот за финансии Скот Бесент. Тој истакна дека сега прашањето е колку долго ќе издржи украинската армија и колку долго руската економија ќе може да се бори под тежината на санкциите.
Бесент предупреди дека ако САД и ЕУ воведат дополнителни мерки, вклучително и секундарни тарифи за земјите што купуваат руска нафта, тоа може да доведе до целосен економски колапс во Русија и да го натера Путин да седне на преговарачка маса.
Администрацијата на Трамп веќе минатиот месец воведе рекордно високи тарифи од 50 проценти за Индија поради купување руска нафта – една од најстрогите казни досега кон трета земја.
Ситуацијата дополнително ескалираше по најголемиот воздушен напад на Русија врз Киев од почетокот на војната. Во офанзивата биле испукани околу 800 ракети и беспилотни летала. За прв пат беше погодена зградата на украинската влада, а во нападите загинаа најмалку тројца цивили, меѓу кои и двомесечно бебе. Над 40 лица се повредени.
Со овој потег, САД најавуваат дека се подготвени за најсилниот економски удар врз Москва досега, во обид да се промени текот на војната.