Управата за јавни приходи соопшти дека во текот на 2025 година во државниот буџет се слеале вкупно 4 милијарди и 426 милиони евра од даноци и социјални придонеси, што претставува зголемување од 308,3 милиони евра во споредба со 2024 година. Овие податоци укажуваат на значителен и континуиран раст на јавните приходи во текот на целата година.
Од вкупно собраниот износ, даночните приходи достигнале 2 милијарди и 334 милиони евра, што е раст од 7,5 проценти, односно 163,2 милиони евра повеќе во однос на претходната година. Најголемиот дел од овој пораст е остварен во втората половина од 2025 година, кога се реализирани речиси четири петтини од вкупното годишно зголемување.
Кај данокот на додадена вредност, наплатата се темели на стабилен раст на прометот во земјата. Во повеќе месеци евидентиран е пораст од 10 до 13 проценти во однос на истиот период од 2024 година. Зголемување е забележано и кај данокот на добивка, што произлегува од повисоката аконтативна даночна основица за 2025 година, како и од значително зголемената наплата на задржан данок од дивиденди и други исплати кон странски сопственици и партнери, каде што растот надминал 30 проценти.
Во сегментот на данокот на личен доход, најголем удел има данокот на плати, кој бележи стабилен месечен раст и вкупно зголемување од над 10 проценти. Истовремено, значителен пораст е регистриран и кај приходите од договорни услуги, земјоделска дејност и самостојна работа.
Кога станува збор за социјалните придонеси, во 2025 година се собрани 2 милијарди и 92 милиони евра, што е за 145,2 милиони евра повеќе во однос на 2024 година, односно исто така раст од 7,5 проценти.
Од УЈП појаснуваат дека ваквите резултати се постигнати благодарение на поефикасната и навремена наплата, зајакнатата одговорност кај даночните обврзници, раното препознавање на ризиците и доследната примена на законските механизми.
Во текот на 2026 година, Управата за јавни приходи најавува дека ќе продолжи со активности насочени кон ефикасно, правично и транспарентно собирање на јавните приходи, со цел дополнително зајакнување на буџетската стабилност.
















