ПРВ.мк
Економија

Што се случува во Русија? Празни бензински пумпи и итна потрага по гориво од странство!

Што се случува во Русија? Празни бензински пумпи и итна потрага по гориво од странство!

Иако важи за една од најголемите светски производителки на сурова нафта, Русија се соочува со сериозен недостиг од бензин и дизел, откако повеќе рафинерии беа оштетени во серија украински напади со беспилотни летала.

Според индустриски извори на кои се повикува „Ројтерс“, руските рафинерии моментално произведуваат доволно бензин за околу 65 проценти од сезонската побарувачка. Дневниот недостиг се проценува на меѓу 40.000 и 45.000 тони, што е значително повеќе во споредба со јуни, кога недостигот изнесувал околу една четвртина од потребите. Летната туристичка сезона дополнително ја зголемува дневната потрошувачка, која достигнува меѓу 115.000 и 120.000 тони.

Проблемите започнале по оштетувањето на неколку стратешки важни рафинерии, меѓу кои НОРСИ, Саратов и Омск. Особено сериозен удар претставува привременото запирање на работата на омската рафинерија – најголемата во Русија и една од клучните за снабдување со бензин и дизел.

Последиците веќе се чувствуваат низ повеќе руски региони. На бензинските пумпи се формираат долги редици, дел од станиците привремено остануваат без гориво, а локалните власти воведуваат ограничувања за количината што може да ја купи еден возач.

Во туристичкиот град Анапа, поради зголемените тензии меѓу возачите кои чекаат да наполнат гориво, биле ангажирани и козаци и доброволци за одржување на редот.

Во обид да ја стабилизира ситуацијата, Москва воведе привремена забрана за извоз на дизел гориво до крајот на јули. Истовремено, државата почна да ги користи резервите и да го зголемува увозот на гориво. Испораките од Белорусија достигнале рекордно ниво, а Русија почнала да увезува бензин и од Индија – потег кој е невообичаен за земја што традиционално е меѓу најголемите светски извозници на нафтени деривати.

Заменик-премиерот Александар Новак призна дека состојбата предизвикува загриженост кај граѓаните и оцени дека пазарот останува под сериозен притисок. Според владините проценки, снабдувањето би можело постепено да се подобри во втората половина на јули, доколку оштетените рафинерии повторно започнат со работа и не дојде до нови напади.

Кризата веќе влијае и врз навиките на руските граѓани. Според „Ројтерс“, дел од возачите сè почесто се одлучуваат за електрични автомобили и хибриди за да ги избегнат долгите редици и неизвесноста околу снабдувањето со гориво.

Аналитичарите предупредуваат дека доколку недостигот продолжи, интересот за алтернативните видови погон дополнително ќе расте, а секое ново нарушување на работата на руските рафинерии или евентуална ескалација на конфликтите на Блискиот Исток би можеле повторно да предизвикаат раст на цените на бензинот и дизелот на светските пазари.

Најнови вести