ПРВ.мк
Економија

САКАТЕ ДА КУПИТЕ ВТОР СТАН? ВНИМАВАЈТЕ! Од вторник стапуваат на сила построги услови за кредитирање - еве што се менува!

САКАТЕ ДА КУПИТЕ ВТОР СТАН? ВНИМАВАЈТЕ! Од вторник стапуваат на сила построги услови за кредитирање - еве што се менува!

Од вторник стапуваат во сила нови правила за станбените кредити, со кои се заоструваат условите за граѓаните кои веќе имаат станбен имот, а планираат да купат уште еден или повеќе недвижнини. За оние кои купуваат прв стан, поволните услови остануваат непроменети.

Според новите правила, граѓаните кои купуваат втор или трет стан ќе можат да подигнат помал кредит, а максималниот рок за негово враќање ќе биде ограничен на 25 години, наместо досегашните 30 години.

Промени се предвидени и кај висината на месечните приходи што може да се користат за отплата на кредитните рати. Така, за лице со месечна плата од 60.000 денари, новите ограничувања би значеле околу 3.000 денари помалку средства што може да ги издвојува за кредит.

За граѓаните кои купуваат прв стан, условите остануваат исти. На пример, за недвижност со вредност од 100.000 евра, потребно е учество од најмалку 10.000 евра, додека остатокот може да се финансира со станбен кредит со рок на отплата до 30 години.

Со овие измени, Народната банка има за цел да го ограничи прекумерното задолжување на граѓаните и да ги намали ризиците поврзани со станбеното кредитирање.

Младите брачни парови би можеле да купат стан по цена пониска за 20 проценти

Паралелно со измените кај кредитирањето, Владата подготвува законски решенија со кои младите брачни парови би добиле можност да купат стан по цена за 20 проценти пониска од просечната пазарна цена.

За да ја користат оваа поволност, условот е најмалку еден од сопружниците да има најмногу 35 години. Цената на квадратниот метар би се утврдувала во зависност од општината во која се наоѓа недвижноста.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Катерина Димитровска, објаснила дека според предвидените решенија, инвеститорите ќе треба да издвојат 10 проценти од станбената површина за купувачите кои ги исполнуваат законските критериуми.

Предвидено е и ослободување од плаќање комуналии за младите брачни парови, мерка која би се применувала на територијата на целата држава.

Од СДСМ најавуваат дека најпрво ќе ги разгледаат предложените законски решенија, а потоа ќе одлучат дали ќе ги поддржат. Пратеничката Сања Лукаревска смета дека помошта за младите е добредојдена, но отвора прашање како ќе се спречи континуираното зголемување на цените на становите.

Продажбата забавува, но цените продолжуваат да растат

И покрај тоа што во земјава се градат околу 30.000 станови, нивната продажба бележи забавување, додека интересот за изнајмување станбен простор се зголемува.

Сепак, послабата продажба засега не довела до намалување на цените. Напротив, становите во Скопје за една година поскапеле за повеќе од 10 проценти.

Новите кредитни ограничувања и најавените мерки за младите доаѓаат во период кога станбениот пазар се соочува со високи цени и сè потешка достапност на сопствен дом за голем дел од граѓаните.

Најнови вести