Сладок шок за фановите на Нутела: омилениот намаз наскоро може да добие повисока цена, поради најсилниот пролетен мраз во Турција во последната деценија, кој драстично го намали родот на лешници.
Токму Турција е светски лидер во производство на лешници, со околу 65% од глобалниот пазар, а италијанскиот гигант Фереро, кој ја произведува Нутелата, користи 25% од турското производство. Лешниците сочинуваат 13% од составот на секоја тегла Нутела, па влијанието е директно.
Големопродажните цени на лешниците во Турција веќе се зголемени за околу 30%, а се очекува и понатамошен раст. Фереро се обидува да избегне прекин на испораките преку алтернативни извори од Италија, Чиле и САД, но стручњаците предупредуваат: глобалниот пазар нема доволно капацитет за да ја замени Турција.
Овој проблем доаѓа во серија со други ценовни удари: кафето, какаото и маслиновото масло веќе се поскапи поради екстремните климатски услови низ светот.
Причината? Климатските промени предизвикуваат предвремено цветање на овошките, што ги прави ранливи на доцни мразеви – како што беше случајот оваа година.