Данска ја зголемува старосната граница за пензионирање на 70 години до 2040 година
Данскиот парламент донесе нов закон со кој постепено се зголемува старосната граница за пензионирање, која до 2040 година ќе достигне 70 години – највисока во Европската унија.
Оваа одлука е дел од долгогодишната политика на поврзување на возраста за пензионирање со просечниот животен век, кој во Данска изнесува околу 82 години. Системот, воведен во 2006 година, предвидува ревизија на старосната граница на секои пет години. Во моментот, таа изнесува 67 години, а според планот, ќе се зголеми на 68 години во 2030 година и на 69 години во 2035 година.
Според новите законски одредби, границата од 70 години ќе се однесува на сите граѓани родени по 31 декември 1970 година.
Мерката предизвика остри реакции кај дел од работничката популација, особено кај оние што се занимаваат со физички напорна работа. Многумина ја сметаат одлуката за неправедна и нереална во однос на реалните услови за работа.
„Работиме и работиме, но не можеме вака до бескрај“, изјави Томас Јенсен за данските медиуми. „Можеби е полесно за оние што работат во канцеларија, но за нас, физичките работници, ова е навистина тешко. Цел живот плаќам даноци, а на крајот нема да ми остане време ни за децата, ни за внуците.“
Данската влада ја оправдува мерката како неопходна за одржување на пензискиот систем во услови на зголемена старосна популација и продолжен животен век. Сепак, дебатата околу правичноста на ваквиот пристап продолжува.