Започна процесот за имплементација на системот за гаранции на потекло (GOs) кој го води Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО, фирмата ќерка на МЕПСО. Зошто ваквите гаранции се важни за домашните компании што извезуваат на европскиот пазар и какви ќе бидат нивните ефекти врз граѓаните и стопанството?*
Гаранциите на потекло (GOs) се од суштинско значење за домашните компании кои извезуваат електрична енергија, бидејќи европските пазари сè повеќе бараат докази дека енергијата што ја користат доаѓа од обновливи извори. Без овие сертификати, нашите компании би биле во неповолна позиција во однос на конкуренцијата. Дополнително, имплеме-нтацијата на системот за гаранции на потекло ќе придонесе за зголемување на инвестициите во обновливи извори на енергија, што ќе ја зајакне енергетската независност на земјата и ќе создаде нови работни места во овој сектор. За граѓаните, ова значи дека државата ќе има појасна слика за потеклото на енергијата што се користи, што ќе овозможи подобра енергетска стратегија и долгорочно стабилни цени. Дополнително, зголемената употреба на обновливи извори ќе придонесе за намалување на загадувањето и подобрување на квалитетот на воздухот, што директно ќе влијае на здравјето и благосостојбата на граѓаните.
*Во последно време многу се говори за потребата од зголемена регионална соработка и поврзување со европските енергетски пазари (market coupling). Како гледате на овие процеси и кои се придобивките и ризиците од овој процес за Македонија?*
Регионалното поврзување значи дека Македонија ќе има пристап до поголем, подинамичен пазар, што носи пониски цени и стабилно снабдување. Придобивките се намалување на флуктуациите во цените и зголемување на ликвидноста на пазарот. Дополнително, оваа интеграција ќе овозможи подобра интеграција на обновливите извори на енергија и ќе придонесе за поеколошки енергетски систем. Сепак, свесни сме дека поголемата пазарна конкуренција може да претставува предизвик за домашните компании. Затоа, активно инвестираме во зајакнување на нашата инфраструктура и производни капацитети, со цел нашите компании да бидат конкурентни на регионалниот пазар. Дополнително, работевме на усогласување на нашето законодавство со европските регулативи, што е предуслов за успешно пазарно поврзување. Нашата цел е процесот на пазарно поврзување да заврши во најбрз можен рок согласно техничките спецификации и регулативата, што ќе ни овозможи да ги ублажиме ефектите од Механизмот за прилагодување на јаглеродните граници на Европската унија (CBAM) врз извозот на електрична енергија. Со ова, не само што ќе ја зајакнеме нашата енергетска независност, туку и ќе придонесеме за стабилен и одржлив енергетски пазар во регионот.