Дванаесет лица се полесно повредени попладнево во сообраќајна несреќа во која учествувале два автобуса на автопатот А1, во близина на излезот Вучевица кај Сплит.
Како што пренесува порталот Индекс.хр, сите повредени се возрасни хрватски државјани кои се враќале од поклонение. Според информациите од Клиничко-болничкиот центар во Сплит, тројца од повредените имаат скршеници и се задржани на болничко лекување, главно како мерка на претпазливост.
Инцидентот се случил во правец кон Загреб, а веднаш по пријавата на терен интервенирале екипи на итната медицинска помош, полицијата и противпожарната служба.
Надлежните органи спроведуваат увид за да ги утврдат причините за несреќата.