Во Приштина се одржа значајна средба помеѓу директорот на МЕПСО, Бурим Љатифи, и в.д. извршниот директор на косовскиот оператор КОСТТ, Шабан Незири, на која во фокус беше иднината на регионалната енергетска безбедност преку реализацијата на новата интерконективна линија Тетово – Призрен.
Станува збор за проект од стратешко значење, кој предвидува изградба на 400 kV електропреносна линија меѓу Северна Македонија и Косово, усогласена со стандардите на европската платформа ENTSO-E. Како што беше соопштено, оваа интерконекција е дел од поширокиот регионален план за развој на енергетските мрежи на Балканот.
Проектот носи повеќекратни придобивки, меѓу кои: зголемување на капацитетите за пренос на електрична енергија меѓу двете земји, подобрување на сигурноста на снабдувањето, зголемена ефикасност во прекуграничната трговија со електрична енергија и создавање услови за поефикасна интеграција на обновливи извори.
Двајцата директори се согласија дека е потребно интензивирање на техничката и институционалната координација за што поскоро отпочнување на изградбата, со цел унапредување на енергетската независност и стабилност во регионот.
Оваа иницијатива е доказ за заедничката определба на МЕПСО и КОСТТ за градење на енергетска иднина базирана на меѓусебна соработка, сигурност и одржлив развој.