Министерот за одбрана на Финска, Анти Хеканен, изрази загриженост поради засиленото руско воено присуство во Балтичкиот регион, предупредувајќи дека Москва продолжува да ги зголемува тензиите во близина на финската територија.
Гостувајќи во утринската програма Ykkösaamu на финската национална телевизија Yle, Хеканен истакна дека, иако руската воена активност во регионот не е новост, одредени последни случувања претставуваат сериозна причина за загриженост.
– Нов момент е тоа што Русија во тесниот простор на Финскиот Залив започна да обезбедува вооружена придружба за танкерите од т.н. „флотата во сенка“. Станува збор за присуство на воени сили и активни операции на море, што претставува нов и загрижувачки развој, изјави министерот.
Само ден претходно, финските власти информираа дека две руски борбени летала го нарушиле воздушниот простор на Финска во близина на брегот на градот Порвoо. Во истиот период, естонските власти пријавија дека руски брод одбил да ги следи нивните наредби, а дополнително бил забележан и прелет на руски воен авион над тој дел од Балтикот.
Министерот Хеканен посочи дека ваквите инциденти се случуваат паралелно со засилената руска активност долж границата меѓу Финска и Русија, што дополнително ја зголемува загриженоста во безбедносните кругови на Хелсинки.
И покрај растечките тензии, Хеканен нагласи дека општата безбедносна состојба во Финска останува стабилна, пред сè поради членството во НАТО и блиската одбранбена соработка со Соединетите Американски Држави.
– Не гледам директна закана по Финска во овој момент, но Русија и понатаму останува агресивен и опасен сосед – не само за нас, туку и за цела Европа, изјави министерот за одбрана.