Цената на кафето на светскиот пазар останува висока, а според последните анализи, се очекува дополнително зголемување од 4 до 7 отсто во наредната година. Сепак, аналитичарите на Меѓународната организација за кафе (ICO) не очекуваат намалување на побарувачката – секојдневно во светот се испиваат над 2,25 милијарди шолји кафе.
Климатските промени и кризите го удираат производството
Проблемите се бројни: сушите во Бразил и Виетнам, поплави во Индонезија и Уганда, раст на цените на горивото, пестицидите и ѓубривата, но и недостиг на работна сила. Сето ова ја зголемува цената на производството, додека приносите се намалуваат.
Дополнителен удар е и габичната болест „'рѓа на листовите“, која ја напаѓа арабика-сортата и ги намалува приносите и до 20% во Латинска Америка.
Бразил останува лидер, но земјоделците се откажуваат
Бразил и понатаму е најголем светски производител со околу 36% од вкупното производство, пред Виетнам (17%), Етиопија (6,5%), Индонезија (6%) и Колумбија (5%). Сепак, ниските приходи ги демотивираат производителите, кои сѐ почесто се префрлуваат на поисплатливи култури, како соја или авокадо.
И покрај сѐ, кафе-пазарот останува стабилен. Побарувачката останува силна, а пиењето кафе – навика која тешко ќе исчезне, дури и ако шолјата стане поскапа.