Иако платите во одредени индустриски гранки достигнуваат и над 1.000 евра, младите речиси воопшто не се заинтересирани за работа во фабрики, рудници или метална индустрија. Наместо тоа, повеќето посакуваат работни места во јавна администрација или ИТ-секторот, далеку од физички напор.
Во металната индустрија и производството на челик платите се движат меѓу 50 и 60 илјади денари, а во рударството дури и до 90 илјади денари месечно. Сепак, работна сила нема. Компаниите се принудени да нудат стипендии за ученици со надеж дека подоцна ќе ги вработат.
Синдикатот предупредува дека голем дел од сегашните работници се во поодминати години и наскоро ќе заминат во пензија, а замена речиси и да нема. Работодавачите се согласуваат: младите не сакаат тешка физичка работа, без разлика на висината на платата.