Од 1 декември 2026 година стапуваат во сила нови правила за кредитирање на физичките лица, откако Извршниот одбор на Народната банка донесе измени на макропрудентните мерки со кои се ограничува задолжувањето на граѓаните.
Една од најзначајните промени се однесува на станбените кредити. Максималниот рок за нивна отплата се намалува од досегашните 30 на 25 години. Кај хипотекарните потрошувачки кредити, пак, максималниот рок ќе се скрати од 20 на 15 години.
Исклучок остануваат граѓаните кои првпат купуваат сопствен дом. За нив и понатаму ќе биде дозволен рок на отплата до 30 години.
Промени има и кај износот од месечните приходи што може да се користи за сервисирање на кредитните обврски.
Таканаречениот ДСТИ-показател, кој го покажува односот меѓу месечните кредитни обврски и приходите на кредитокорисникот, ќе биде намален за пет процентни поени.
Кај кредитите во денари максималниот праг се намалува од 50 на 45 проценти, додека кај кредитите со валутна компонента ќе се намали од 45 на 40 проценти.
Тоа практично значи дека банките ќе треба да внимаваат помал дел од месечните приходи на граѓанинот да биде оптоварен со отплата на кредити.
И тука поповолни услови остануваат за оние кои првпат решаваат станбено прашање. За нив лимитите остануваат 50 проценти за денарските и 45 проценти за кредитите со валутна компонента.
Од Народната банка посочуваат дека мерките се носат превентивно, во период кога банкарскиот систем е стабилен, а целта е навреме да се спречи прекумерно задолжување на домаќинствата.
Причина за дополнително внимание е и растот на кредитирањето. Во првата половина од 2026 година кредитите на физичките лица бележат годишен раст од 12,2 проценти, додека во 2025 година растот изнесувал 11,2 проценти.
Најголемо зголемување има токму кај станбените кредити, кои бележат раст од 16,6 проценти.
Макропрудентните ограничувања првпат беа воведени во јули 2023 година, а дополнително беа заострени во декември 2025 година. Според Народната банка, досегашната примена придонела за подобра структура на новоодобрените кредити и помало кредитирање на граѓани со висок должнички товар.
Новите правила ќе почнат да важат од 1 декември 2026 година.








