Германската влада планира да воведе нов модел на долгорочно штедење за пензија, според кој државата ќе уплаќа по 10 евра месечно за секое дете од наполнети шест до 18 години. Мерката е позната како „Frühstartrente“, односно „пензија за ран почеток“, а целта е уште во детството да се создаде основа за идната приватна пензија. Германскиот владин предлог беше усвоен во август, а парламентарната процедура продолжува.
Според предлог-законот, средствата ќе се уплаќаат во капитално покриен пензиски депозит на име на детето. Родителите ќе можат да отворат ваква сметка кај избран приватен давател, а доколку не биде отворен индивидуален договор, државата предвидува средствата да се инвестираат колективно на пазарот на капитал.
Мерката треба да се применува ретроактивно од 1 јануари 2026 година за генерацијата деца родени во 2020 година, односно оние кои во 2026 година наполнуваат шест години. Од 2027 година, секоја година во системот би се вклучувала новата генерација деца кои наполнуваат шест години.
Германското Министерство за финансии направило и проекции за тоа колку би можело да се акумулира со текот на времето. Само со државните уплати од вкупно 1.440 евра до 18-годишна возраст, според моделот на владата, средствата би можеле да достигнат околу 2.200 евра до полнолетството, а до 65-годишна возраст околу 53.000 евра.
Доколку родителите дополнително уплаќаат по 20 евра месечно, владината симулација покажува потенцијална вредност од околу 160.000 евра до 65-годишна возраст. Овие бројки се само проекции и се засноваат на претпоставена просечна годишна стапка на принос од 7 проценти. Германското Министерство за финансии нагласува дека реалниот принос може да биде повисок или понизок и дека сумите не се гарантирани.
По наполнувањето 18 години, предвидено е депозитот да премине во системот на даночно поддржано приватно пензиско осигурување, при што корисникот ќе може да продолжи со сопствени уплати. Државно субвенционираниот капитал, според предлогот, во принцип нема да може да се исплати пред навршени 65 години.
Предвидено е и дополнително финансиско образование за децата и младите. Идејата е уште од најрана возраст да се запознаат со функционирањето на инвестициите, пазарот на капитал, долгорочното штедење, приносите и ризиците.
Според владата, раното започнување со инвестирање треба да овозможи подолг период за акумулирање средства преку сложена камата и реинвестирање на приносите. Во исто време, властите очекуваат системот да им овозможи на децата, без оглед на финансиската состојба на нивните родители, да стекнат почетен капитал за идната пензија.
Германскиот Бундестаг веќе го разгледува предлогот, а планирано е законодавната постапка да заврши во текот на 2026 година, со цел системот да започне да се применува од 1 јануари 2027 година.









