ПРВ.мк
Македонија

НОВИ КАМЕРИ ВО ДВА ГРАДА: „Safe City“ се проширува на повеќе од 40 локации

НОВИ КАМЕРИ ВО ДВА ГРАДА: „Safe City“ се проширува на повеќе од 40 локации

Системот „Safe City“ наскоро ќе биде проширен и на подрачјето на Прилеп и Битола, а предвидено е да опфати повеќе од 40 точки.

Ова го најави директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, при посетата на Одделението за внатрешни работи во Прилеп.

Според Јанев, во моментов се подготвува проектната документација за проширување на системот на подрачјето што го покрива СВР Битола, а имплементацијата се очекува да започне во текот на наредните месеци.

Меѓу локациите што ќе бидат вклучени во системот е и Прилеп, а целта не е само подобра контрола на сообраќајот.

Јанев посочи дека „Safe City“ треба да ѝ помогне на полицијата и во откривање и спречување криминал, обезбедување докази за постапки, одржување на јавниот ред и мир и заштита на урбаната инфраструктура.

Според него, досегашната примена на системот придонесува кон подобрување на сообраќајната дисциплина и намалување на бројот на жртви во сообраќајот.

Тој повторно апелираше до возачите и останатите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и поставената сигнализација.

Најавено е и дека „Safe City“ во иднина ќе добива дополнителни функционалности и алатки, со што полицијата треба да стане поефикасна во работата на терен.

Осврнувајќи се на безбедносната состојба во Прилеп, Јанев истакна дека статистиката покажува намалување на бројот на кривични дела, особено во делот на насилниот криминал.

Според него, ваков тренд е забележан и пошироко на подрачјето што го покрива СВР Битола.