ПРВ.мк
Економија

Европа очајно бара работници, но не онакви какви што мислите: Овие професии се најбарани во 2026

Европа очајно бара работници, но не онакви какви што мислите: Овие професии се најбарани во 2026

Европскиот пазар на труд се соочува со сериозен недостиг на работна сила, а најбараните професии не се оние поврзани со вештачката интелигенција и дигиталните технологии, туку техничките занимања. Според анализа на BestBrokers, базирана на податоци од Евростат и европската мрежа за вработување EURES, работодавачите во Европа објавиле повеќе од 10 милиони слободни работни места во периодот од април 2025 до март 2026 година.

На врвот на листата се техничките работници, со 731.953 отворени позиции. Следуваат административните и канцелариските специјалисти со 630.033 позиции, металските работници и работниците во машинската индустрија со 596.701, операторите на машини и постројки со 522.808, како и возачите и транспортните работници со 519.386 слободни места.

Само овие пет категории опфаќаат речиси три милиони работни позиции низ Европа. ИКТ-експертите, и покрај силниот раст на дигиталниот сектор, се наоѓаат на шестото место со околу 375.070 отворени позиции.

Побарувачката значително се разликува од земја до земја. Во индустриски развиените економии како Германија, Франција, Австрија, Чешка и Романија, техничките работници се меѓу најбараните кадри.

Финска претставува еден од ретките исклучоци, бидејќи таму најголема е побарувачката за ИКТ-експерти, со потреба од повеќе од 20.000 работници во оваа област. Во Шведска, Швајцарија, Норвешка и Лихтенштајн, пак, стареењето на населението ја зголемува потребата од здравствени работници.

Наставниот кадар особено се бара во Полска, Бугарија и Естонија, додека туризмот и услужниот сектор се значаен двигател на вработувањето во Шпанија, Португалија, Малта, Данска, Словачка, Унгарија и Исланд.

Кога станува збор за растот на бројот на вработени, Шпанија е на врвот. Во период од една година, бројот на вработени таму се зголемил за околу 430.000. Следуваат Португалија со околу 82.000, Грција со 34.000, Хрватска со 16.000 и Кипар со 12.000 нови вработени.

Спротивен тренд е забележан во Турција, каде што во истиот период бројот на вработени се намалил за околу 392.000. Пад е регистриран и во Германија, Италија и Словачка. Гледано процентуално, меѓу најбрзо растечките пазари на труд се Кипар со раст од 2,52 отсто и Малта со 2,22 отсто.

Намалување на вработеноста е регистрирано и во Унгарија, Турција, Србија, Словачка и Словенија, што покажува дека недостигот на работна сила не е проблем ограничен само на најголемите европски економии, туку сè посилно го чувствува и регионот на Западен Балкан.

Сличен тренд се забележува и во Македонија, каде што компаниите подолг период се соочуваат со недостиг на квалификувани работници. Според изјава на универзитетскиот професор Лазар Јовевски, во земјата има повеќе од 10.000 слободни работни места, во услови на континуиран одлив на работоспособното население.

Како причини за овој тренд, освен висината на платите, се посочуваат и квалитетот на животот, владеењето на правото и општата општествена сигурност. Според анализите на Советот на странски инвеститори, миграцијата на работоспособното население е меѓу главните фактори што создаваат недостиг на кадар.

Последиците особено се чувствуваат во индустријата. Според Државниот завод за статистика, во периодот јануари-февруари 2026 година бројот на вработени во индустријата бил намален за 3,5 отсто во споредба со истиот период минатата година. Најголем пад е регистриран во рударството, од 6,3 отсто, и во преработувачката индустрија, каде што бројот на вработени се намалил за 3,4 отсто.

Токму во овие сектори се потребни дел од кадрите кои се меѓу најбараните и на европскиот пазар – техничари, машински и металски работници и други квалификувани работници.

Проблемот со работната сила во Македонија создава и своевиден парадокс. Иако стапката на невработеност се намалува, компаниите и понатаму имаат потешкотии да најдат соодветни работници. Причината не е само во бројот на невработени, туку и во несоодветноста меѓу расположливите кадри и потребите на работодавачите.

На пазарот постојат илјадници слободни работни места, но недостигаат кандидати со потребните знаења, вештини и квалификации. Така, додека невработеноста се намалува, истовремено се намалува и расположливата работна сила.

Трендовите во Европа и регионот покажуваат дека недостигот на работници сè повеќе станува структурен проблем. Од Србија и Унгарија до Македонија, земјите се соочуваат со последиците од миграцијата, стареењето на населението и недостигот на квалификуван кадар.

Во следните години, една од клучните економски теми ќе биде прашањето кои земји ќе успеат да ја задржат својата работоспособна популација и да обезбедат доволно квалификувани луѓе за потребите на економијата. Во таа слика, недостигот на електричари, механичари, техничари и други стручни работници не е само европски проблем, туку сè повеќе станува и македонска реалност.