Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во интервју за емисијата „Топ Тема“ на Телма, најави значајни новини во енергетскиот сектор на Македонија. Таа истакна дека новиот Закон за енергетика, кој неодамна беше усвоен во Собранието, предвидува формирање на граѓански енергетски заедници, овозможувајќи на станбени заедници и други правни лица колективно да произведуваат електрична енергија преку инсталација на соларни панели на покривите на зградите.
„Оваа иницијатива е дел од нашата стратегија за праведна и одржлива енергетска транзиција, која е целосно усогласена со регулативите на Европската Унија, и претставува клучен чекор кон зголемување на учеството на обновливите извори во финалната потрошувачка на енергија,“ изјави Божиновска.
Новите законски одредби исто така предвидуваат обврска дел од капацитетот на новите фотоволтаични системи да биде резервиран во батерии, со цел подобро управување со енергетската мрежа и зголемување на сигурноста во снабдувањето .
Дополнително, во тек е изготвување на посебен Закон за обновливи извори на енергија, кој ќе ги дефинира правата и обврските на производителите на енергија од обновливи извори, мерките за поддршка, како и механизмите за прекугранично производство и користење на енергија .
Со овие законски промени, Македонија се стреми да ги следи успешните модели на земји како Германија и Холандија, каде што граѓанските енергетски заедници играат значајна улога во енергетскиот систем.
Овие реформи се дел од пошироката стратегија на Владата за поттикнување на инвестиции во областа на обновливите извори на енергија и зајакнување на енергетската безбедност на земјата.