Богатството на британскиот крал Чарлс пораснало за 30 милиони фунти
Богатството на британскиот крал Чарлс пораснало за 30 милиони фунти, достигнувајќи вкупно 640 милиони фунти, што го става рамо до рамо со премиерот Риши Сунак и неговата сопруга Акшта Мурти.
Имено, кралот Чарлс, кој на престолот седна во 2022 година, сега се наоѓа на 238. место на листата на 350 најбогати луѓе и семејства во Велика Британија, што е напредок од 20 места во однос на претходната година. Според медиумите, Чарлс е за 140 милиони фунти побогат од Давид и Викторија Бекам, кои поседуваат богатство од 500 милиони фунти. Бекам се смета за најбогат британски спортист.
Голем дел од богатството на кралот Чарлс потекнува од наследството од неговата мајка, кралицата Елизабета II. Приватните имоти Sandringham во Норфолк и Balmoral во Абершир, кои претходно ѝ припаѓале на кралицата Елизабета, сега се дел од неговото финансиско богатство.
При проценката на богатството, Sunday Times вклучува само личен имот.
Во чест на втората годишнина од крунисувањето на кралот Чарлс, неодамна во централната сала на Националната галерија во Лондон беа откриени два ново нарачани портрета на кралот и кралицата Камила. Портретите, кои ќе бидат дел од кралската колекција, ги насликале два различни уметници, избрани од кралот и кралицата. Кралот избрал да го наслика Петар Кухфелд, додека кралицата го избрала Пол С. Бенеј. Портретот на кралот го прикажува во државна одора, носејќи морнарска униформа со медали, додека кралицата е прикажана во својот венчален фустан од церемонијата на крунисувањето.