Министерството за социјална политика, демографија и млади на Министерство за социјална политика, демографија и млади на Северна Македонија информира дека во тек е имплементација на ново софтверско решение за модернизација на процесите за обработка и исплата на правата од социјална и детска заштита.
Според соопштението, целта на реформата е зголемување на ефикасноста, сигурноста и квалитетот на услугите за граѓаните, преку дигитално унапредување на работата на центрите за социјална работа.
Во процесот на техничко усогласување и миграција на податоците се појавиле непредвидени проблеми, кои предизвикале доцнење во обработката и, како последица, неколкудневно одложување на исплатите на паричните права.
Министерството уверува дека сите права на корисниците се обезбедени и дека исплатите ќе бидат реализирани веднаш по завршувањето на техничките прилагодувања. Надлежните служби, како што се наведува, интензивно работат на нормализирање на системот.
Од институцијата апелираат за разбирање и трпение од страна на граѓаните во овој преоден период, нагласувајќи дека новиот систем долгорочно ќе овозможи побрзи и поефикасни услуги.
Министерството најавува дека ќе продолжи со процесот на модернизација и редовно ќе ја информира јавноста за понатамошните активности.









