ПРВ.мк
Економија

Од 1 јули пониски царини за 70 суровини – компаниите ќе плаќаат помалку

Од 1 јули пониски царини за 70 суровини – компаниите ќе плаќаат помалку

Од 1 јули ќе стапат во сила пониски царини за 70 суровини и репроматеријали, откако Собранието ги усвои измените на Законот за царинска тарифа. Мерката, според Министерството за финансии, има цел да ги намали трошоците на компаниите и да ја зголеми конкурентноста на домашната економија.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска истакна дека измените претставуваат дополнително усогласување на царинските стапки со оние во Европската унија. Според неа, компаниите ќе добијат поповолни услови за набавка на суровини, што треба да влијае врз поголема продуктивност, подобар извозен потенцијал и нови инвестиции.

Од Министерството посочуваат дека мерката е подготвена во консултација со стопанските комори и е продолжение на реформите започнати минатата година, кога беше реализирано првото намалување на царинските стапки.

Се очекува најголема корист да имаат автомобилската индустрија, металопреработувачкиот сектор и металургијата. Владата оценува дека пониските царини ќе придонесат за зголемен извоз, поголем девизен прилив, отворање нови работни места и создавање поволно деловно окружување за домашните компании.