Со поставување камен-темелник за новиот маркет во Струмица, „Лидл“ официјално ја започна реализацијата на својата голема инвестиција во Македонија, која според најавите изнесува околу 200 милиони евра.
На настанот присуствуваше вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој истакна дека влезот на еден од најголемите светски трговски синџири е значаен сигнал за економијата и доказ дека земјата станува попривлечна за странски инвеститори.
Николоски нагласи дека новиот објект во Струмица ќе донесе економски придобивки за градот и регионот, но и можности за домашните производители. Според него, струмичкиот регион е препознатлив по квалитетното раноградинарско производство, па се очекува дел од локалните земјоделски производи да најдат место на полиците на „Лидл“, не само во Македонија, туку и на поширокиот регионален пазар.
Тој додаде дека Владата продолжува да работи на привлекување нови инвестиции, отворање работни места и поедноставување на процедурите за реализација на вакви проекти. За таа цел, веќе се направени измени во правилникот за урбанистичко планирање, со кои треба да се забрза изградбата на објектите.
Според најавите, првите маркети на „Лидл“ во Македонија се очекува да бидат отворени околу Нова година.










