ПРВ.мк
Економија

Становите во Скопје поскапеа речиси 100% за пет години - Што го покачи ценовниот скок?

Становите во Скопје поскапеа речиси 100% за пет години - Што го покачи ценовниот скок?
Kristal

Цените на становите во Скопје се зголемија речиси двојно во последните пет до шест години, покажуваат официјалните податоци на Народната банка на Република Северна Македонија. Индексот на цените на недвижности, кој во 2018 година изнесуваше 100, денес достигнува 192,80. Овој индикатор е направен врз основа на понудените станови за продажба низ територијата на градот, и ја покажува драматичната ескалација на пазарот.

Прашањето што сите го поставуваат е истото: дали трендот ќе продолжи? Одговорот, за жал, е познат – цените ќе растат се додека има купувачи подготвени да плаќаат вакви високи износи, без разлика колку се реални. Желбата „да се живее во Скопје по секоја цена“ продолжува да ги турка цените нагоре, без рационален баланс со квалитетот на живот или економската логика.

Според професорот Дејан Трајковски, ситуацијата е резултат на неолибералните политики и минималната улога на државата. Тој објаснува дека државата целосно ја препуштила иницијативата на приватните градежни компании, што довело до пазар кој функционира исклучиво по логиката на профитот, без социјална рамнотежа. Како споредба го наведува примерот со Сингапур, каде што јавната компанија HDB гради станови по пристапни цени, додека во Македонија дури и државните претпријатија ги формираат цените преку пазарно наддавање наместо според реалните трошоци.

Трајковски прашува дали постои политичка сила што би се залагала за праведна и достапна станбена политика, или ќе продолжиме да гледаме како, според неговите зборови, урбаната мафија доминира на пазарот и го исцрпува џебот на граѓаните.

Неговиот совет е директен и јасен: моментално не треба да се купува стан во Скопје, затоа што цените не се оправдани. Тој додава дека човек кој живее и работи во внатрешноста, дури и со нешто пониска плата, ќе задржи многу повеќе средства одошто ако цел живот работи за отплата на кредити и за профитот на градежните компании и банките.

Трендот продолжува, а големиот прашањето останува – дали е време за нов пристап кон домувањето, или Скопје и понатаму ќе биде град со цени што одат само во една насока.

Escape