ПРВ.мк
Економија

Македонија меѓу најевтините земји во Европа - ова се цените што шокираат во споредба со ЕУ!

Македонија меѓу најевтините земји во Европа - ова се цените што шокираат во споредба со ЕУ!

Македонија е рангирана како најевтина европска држава според најновите истражувања на Евростат, кои ја анализираат нивото на цени во 36 европски земји, меѓу кои и членките на Европската унија и земјите кандидати.

Според податоците, просечната потрошувачка кошничка базирана на околу 2.000 производи и услуги во Македонија изнесува приближно половина од просекот во Европската унија. Тоа значи дека производ што во ЕУ чини околу 100 евра, во Македонија во просек се продава за околу 50 евра.

Индексот на потрошувачки цени за земјата изнесува 49,7, што ја позиционира Македонија на дното на листата во Европа кога станува збор за општото ниво на цени.

Анализата опфаќа широк спектар на категории, а според резултатите, Македонија има најниски цени за храна, облека, алкохолни пијалаци и цигари во споредба со останатите европски земји.

Во споредбата, највисоки цени за храна и безалкохолни пијалаци се забележани во Луксембург, додека Ирска е најскапа за алкохол и тутун. Данска предничи по највисоки цени за облека и обувки. Меѓу земјите членки на ЕУ, Романија има најниски цени за храна и пијалаци, но сепак не е на ниво на Македонија.

Од Евростат посочуваат дека најголеми разлики во цените постојат кај алкохолот и тутунот, главно поради значително различните даночни политики меѓу државите.

Сепак, економските експерти предупредуваат дека ниските цени сами по себе не значат и подобар животен стандард. Тие истакнуваат дека вистинската слика се добива само кога цените се споредуваат со висината на платите и куповната моќ на граѓаните.

„Она што е важно за животниот стандард не е само висината на цените, туку колку може да се купи со една плата“, изјавил професорот Роберт Инклар од Универзитетот во Гронинген за „Еуроњуз бизнис“.

Во меѓувреме, Владата води разговори со трговците, производителите и дистрибутерите со цел да се ограничи инфлацијата на храната и таа да се одржи под 3 отсто.

Граѓаните имаат поделени очекувања. Дел се надеваат на пониски цени и олеснување на семејниот буџет, додека други се скептични дека ќе дојде до значително намалување на трошоците за живот.

Премиерот, пак, порача дека основните прехранбени производи мора да поевтинат и дека државата ќе користи механизми доколку пазарот не се стабилизира и не се стави под контрола.