Тешка несреќа се случила во водите на заливот Ксамил, каде 22-годишен маж го загубил животот по судир меѓу водно возило и брод на Граничната полиција, јавуваат албанските медиуми.
Според првичните информации, младиот Албиано Кречи управувал со т.н. „џет-кар“ кога дошло до директен судир со полицискиот брод кој патролирал во областа. Ударот бил силен, при што водното возило по инцидентот потонало.
По несреќата, повредениот 22-годишник бил итно извлечен од водата и со амбулантно возило пренесен во најблиската здравствена установа. И покрај напорите на лекарите да го стабилизираат и реанимираат, тој им подлегнал на повредите.
Локалните власти потврдија дека во моментот на судирот дошло до сериозни оштетувања на водното возило, а околностите под кои се случила несреќата сè уште се предмет на истрага.
Надлежните служби започнаа детална истрага за да се утврди точната динамика на настанот, вклучително и движењето на двете пловила непосредно пред судирот и евентуалните пропусти во безбедносните процедури.
Трагичниот инцидент повторно ја отвори темата за безбедноста во морскиот сообраќај во јужна Албанија, каде во летниот период значително се зголемува бројот на туристички активности на вода.








