Воен авион на српската армија утринава се урна на земјоделска површина во близина на Стара Пазова, во Војводина. Според неофицијалните информации што ги објави српскиот портал „Блиц“, станува збор за борбен авион од типот МиГ-29.
По падот на леталото, на местото на несреќата веднаш биле испратени екипи на пожарникарите, итната медицинска помош, полицијата и воената полиција. На социјалните мрежи се појавија информации дека постои стравување оти несреќата можеби има човечки жртви, но засега нема официјална потврда за тоа.
На снимките што се споделуваат на интернет се гледа како авионот гори на отворено поле, додека на терен се одвиваат активности на надлежните служби.
Министерството за одбрана на Србија сè уште нема објавено официјално соопштение со детали за несреќата. Не се познати ниту причините за падот, ниту информациите за евентуално повредени или загинати лица.




