Во смртоносниот пожар што избувна во новогодишната ноќ во швајцарскиот ски-центар Кран-Монтана, меѓу загинатите е и 14-годишно девојче, кое според официјалните податоци е најмладата досега идентификувана жртва во трагедијата.
Швајцарските власти соопштија дека продолжува процесот на идентификација на телата, при што досега се потврдени уште 16 жртви. Поради екстремните изгореници, идентификацијата се врши со помош на ДНК анализа и други форензички методи. Меѓу загинатите има млади лица и малолетници од повеќе европски земји, вклучувајќи Швајцарија, Италија, Романија, Турција и Франција.
Пожарот избувна во барот „Le Constellation“ во раните утрински часови на 1 јануари, за време на новогодишна прослава. Најмалку 40 лица го загубија животот, а 119 беа повредени, од кои голем дел со тешки изгореници. Многу од повредените се префрлени во специјализирани центри за третман низ Европа.
Кантоналното јавно обвинителство отвори кривична постапка против одговорните лица на објектот, под сомнение за тешки пропусти во безбедноста и убиство од небрежност. Истражителите ги анализираат условите во објектот, бројот на излези, материјалите во внатрешноста и начинот на кој се развил пожарот.
Трагедијата предизвика силни реакции низ Европа и повторно го отвори прашањето за безбедноста во јавни простории, особено за време на масовни прослави.
















