Илјадници деца и нивните семејства и оваа година ќе учествуваат во традиционалните Бадникови поворки, со кои свечено ќе се најави Христовото раѓање. Здружението „Бадникови поворки“ официјално ја најави централната Бадникова манифестација за 2026 година, која ќе се одржи на 6 јануари, истовремено во повеќе од 80 градови и населени места низ Македонија, како и во рамки на македонската дијаспора во Словенија, Италија, Австрија и Соединетите Американски Држави.
Централниот настан ќе биде големата Бадникова поворка во Скопје, која традиционално претставува срцето на манифестацијата. Поворката ќе започне во 12:00 часот од Музејот на Град Скопје, по што учесниците ќе се движат по улицата „Македонија“ и ќе завршат на плоштадот „Македонија“, пред сцената поставена кај Божикната пештера.
Во рамки на централната прослава, на сите деца ќе им биде доделена Божикна ѕвезда – симбол на Витлеемската ѕвезда и радосната вест за Христовото Рождество. Оваа ѕвезда претставува препознатлив знак на Бадниковите поворки и симбол на светлината, надежта и духовната радост што ја носи Божик.
Со поддршка на Министерството за култура и Град Скопје, годинава е изработена нова, современа Божикна ѕвезда со иновативен дизајн на графичкиот дизајнер Ангел Мицевски. Станува збор за функционална конструкција што може да се отвора и затвора, лесна е за складирање и овозможува повеќекратна употреба. Организаторите ја замислуваат како трајна семејна вредност што ќе се пренесува од генерација на генерација.
Покрај Божикната ѕвезда, сите учесници ќе добијат и уметнички магнет, изработен од уметникот Драган Китановски – Драш. Магнетот симболично ја носи пораката на љубов, радост и заедништво, кои се суштински вредности на Божикниот празник.
Поделбата на Божикните ѕвезди и магнетите ќе се одвива на 6 јануари, во периодот од 11:30 до 12:00 часот, пред Музејот на Град Скопје, непосредно пред почетокот на поворката.
По пристигнувањето на поворката на плоштадот „Македонија“, следува музичко-сценската изведба „Божикната авантура“. Станува збор за спектакл во живо, во кој учествуваат повеќе од 40 музичари, пејачи, актери и деца од фестивалот „Златно славејче“. Проектот е реализиран под уметничко водство на Владо Дојчиноски, со драматургија на Билјана Крајчевска, и преку музика и сценска приказна ја пренесува пораката за Христовото Рождество на разбирлив и емотивен начин.
Организаторите упатуваат отворена покана до сите семејства да се приклучат на Бадниковите поворки, без потреба од претходна најава, нагласувајќи дека настанот е наменет за сите генерации. По изведбата во Скопје, „Божикната авантура“ ќе биде претставена и во Кочани, со што манифестацијата ќе ја продолжи својата мисија за солидарност, духовност и заедништво низ целата држава.
















