Мајката и очувот на 18-годишниот Дарио Николиќ од околината на Шабац се приведени по нападот врз припадник на српската Жандармерија пред Амбасадата на Израел во Белград, објавуваат српските медиуми.
Според информациите што ги пренесува „Курир“, повикувајќи се на „Телеграф“, двајцата биле приведени непосредно по инцидентот. Засега не се наведува дали им е одреден притвор или за што конкретно се сомничат.
Рекол дека оди на шишање, па исчезнал
Според изјавите на семејството, Дарио претходниот ден заминал од селото Бела Река кон Шабац, велејќи дека оди да се шиша.
Последен пат бил забележан во трговскиот центар „БИГ“, а околу 16 часот контактирал со мајка си. Потоа неговиот телефон станал недостапен, поради што семејството го пријавило исчезнувањето во полиција.
Неколку часа подоцна следувал трагичен пресврт.
Напад со два ножа пред амбасадата
Според српското Министерство за внатрешни работи, околу 00:15 часот младичот нападнал припадник на Жандармеријата што ја обезбедувал израелската амбасада во Белград.
Нападот бил извршен со два ножа, а полицаецот употребил огнено оружје, при што напаѓачот бил смртно застрелан. Жандармот се здобил со полесни повреди.
Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ го квалификувал нападот како терористички и соопштил дека нивото на опасност од тероризам е подигнато на највисокиот, црвен степен.
Тоа подразбира засилено полициско присуство и контроли на безбедносно чувствителни локации.
Според медиумските информации, Николиќ претходно бил депортиран од Германија поради радикални исламистички објави на социјалните мрежи.
Вишото јавно обвинителство во Белград потврдило дека е извршен увид на местото на нападот, а истрагата продолжува.











