Страшна сообраќајна несреќа синоќа ја потресе јавноста, откако на скопската обиколница животот го загубија четири лица, а сцените по судирот биле ужасни. Несреќата се случила доцна вечерта, а по ударот избувнал и голем пожар во кој целосно изгореле двете возила.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, несреќата била пријавена околу 23 часот на делницата помеѓу надвозникот Визбегово и клучката Мирковци. Товарно возило „ман“ со косовски регистарски таблички, управувано од 76-годишен возач од Косово, изгубило контрола и преминало преку заштитната ограда во спротивната насока.
Во тој момент директно се судрило со автомобил „БМВ“ со скопски регистарски ознаки, зад чиј волан бил 51-годишниот Р.В. од Скопје. Судирот бил толку силен што веднаш избувнал пожар, а пламенот за кратко време ги зафатил и двете возила. Кабината на камионот и автомобилот целосно изгореле.
На местото на трагедијата животот го загубиле возачот на автомобилот Р.В., како и двајца сопатници, А.В. и П.М., двајцата на 20-годишна возраст и од Скопје. Загинало и уште едно лице чиј идентитет засега не е утврден.
Екипи на Итната медицинска помош пристигнале на местото, но лекарите можеле само да констатираат смрт. Пожарот бил изгаснат од скопската противпожарна бригада, а по наредба на јавен обвинител телата на загинатите биле предадени на обдукција.
Возачот на камионот бил приведен и задржан во полициска станица, а надлежните институции работат на целосно расчистување на случајот. По завршување на истрагата ќе следува соодветна пријава.
Поради увидот и расчистувањето на местото на несреќата, сообраќајот на обиколницата бил пренасочуван неколку часа, сè до раните утрински часови, кога движењето повторно било нормализирано.










