Србија е во шок по новиот морничав пресврт во случајот со исчезнувањето на Александар Нешовиќ, откако на територијата на Инѓија било пронајдено тело скриено во буре. Истражните органи се сомневаат дека станува збор токму за Нешовиќ, кој исчезна пред неколку дена, а чие име се поврзува со истрагата за убиството во белградскиот ресторан „27“ на Сењак.
Телото било откопано во присуство на обвинители, полиција и форензички екипи, а според српските власти, сите досегашни индиции укажуваат дека жртвата е Нешовиќ. Сепак, конечната потврда треба да ја даде ДНК-анализата и обдукцијата што веќе се во тек.
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека постои „99 проценти веројатност“ телото да му припаѓа на исчезнатиот Нешовиќ, посочувајќи дека препознавањето било направено според облеката што била пронајдена на телото. И покрај тоа, истражителите чекаат официјална потврда од форензичарите.
Во меѓувреме, истрагата добива сè поголеми размери. Обвинителството откри дека во случајот се опфатени дури 10 лица, а издадени се околу 70 наредби за различни видови вештачења. Истражните органи заплениле мобилни телефони, компјутери, хард-дискови, фитнес-нараквица и повеќе возила, со цел да се откријат сите детали поврзани со злосторството.
Форензичарите анализираат ДНК-траги, барутни честички, траги од возила и предмети пронајдени во ресторанот „27“, каде што според сомнежите било извршено убиството. Дополнително се проверуваат и дигитални уреди за евентуални видеоснимки или комуникации кои би можеле да помогнат во расветлување на случајот.
Целата афера доби уште поголем одек откако беше уапсен и поранешниот началник на белградската полиција Веселин Милиќ. Според обвинителството, постојат сомнежи дека тој можеби бил вмешан во прикривање на убиството и уништување на трагите. Судот му одреди едномесечен притвор поради опасност од влијание врз сведоци и можност за уништување докази.
Нешовиќ исчезнал на 13 мај, а истрагата сега се обидува да утврди што точно се случувало ноќта пред неговото исчезнување. Српските медиуми пишуваат дека обвинителството работи на откривање на лицата кои директно учествувале во убиството, но и на оние кои помогнале телото да биде сокриено и трагите да бидат избришани.
Случајот предизвика огромно внимание во српската јавност, особено поради сомнежите дека во целата приказна можеби биле вмешани и луѓе од безбедносните структури.










