Страшна трагедија се случила на грчкиот остров Крит, каде што 18-месечно машко бебе го загубило животот откако испило бензин во семејниот дом.
Како што пренесува грчкиот медиум „Екатимерини“, инцидентот се случил додека детето било со својата мајка во бањата од нивниот дом.
Според првичните информации, бебето на засега неутврден начин дошло во контакт со бензинот и го испило, по што неговата здравствена состојба нагло се влошила.
Родителите веднаш го однеле детето во Универзитетската болница во Ираклион, каде што лекарите започнале итна медицинска интервенција.
Медицинскиот тим го интубирал бебето и успеал накратко да го реанимира, но и покрај напорите на лекарите, неговата состојба повторно се влошила и набргу починало.
По трагичниот настан, грчката полиција ги уапсила двајцата родители – 37-годишниот татко и 31-годишната мајка.
Тие се осомничени за изложување на детето на опасност со смртен исход.
Надлежните органи започнале истрага за да утврдат како бебето успеало да дојде до бензинот и дали опасната материја била оставена на место достапно за детето.
Се испитува и дали постоел пропуст во надзорот што можел да придонесе за трагичниот исход.
Истрагата продолжува, а засега не се утврдени сите околности под кои се случила несреќата.








