Триесет и деветгодишен маж трагично го загуби животот по напад од ајкула на Големиот корален гребен, јужно од Кернс.
Несреќата се случила околу пладне по локално време, додека мажот наводно ловел риба во плитките води кај гребенот Кенеди Шоал, оддалечен околу 50 километри од брегот. Подрачјето е познато како популарна дестинација за рекреативен риболов и нуркање.
Според полицијата во Квинсленд, службите за итна помош биле повикани веднаш по пријавата дека мажот бил нападнат додека бил во вода.
Повредениот бил извлечен и во критична состојба пренесен до пристаништето „Хал Ривер Хедс“, во близина на градот Тали, но подоцна им подлегнал на тешките повреди.
Полицијата соопшти дека ќе биде изготвен извештај за судски вештак, додека истрагата за инцидентот е во тек.
Засега не е познато кој вид ајкула го извршил нападот. Во водите околу Големиот корален гребен најчесто се среќаваат биковски и тигрести ајкули.
Ова е втор смртоносен напад од ајкула во Австралија за краток временски период, откако минатиот викенд маж загина и кај островот Ротнест, во близина на Перт.








