Шокантна и емотивна трагедија ја потресе Италија, откако двајца браќа близнаци од регионот Умбрија ги загубија животите во ист ден, во настан кој завршил фатално во шума во близина на нивниот роден град Маџоне.
Според информациите од истрагата, браќата биле во шума каде вежбале со мамци за лов, кога дошло до несреќен сплет на околности. Еден од мамците – голуб – избегал од кафезот и се заплеткал во високонапонски далекувод.
Во обид да го извлече животното, еден од браќата користел долг карбонски стап, при што дошол во контакт со електричните кабли и претрпел смртоносен струен удар.
Кога неговиот брат видел што се случува и се обидел да му помогне, и тој бил погоден од струја и починал на самото место.
Трагедијата ја открил нивниот татко, кој заедно со роднина тргнал во потрага откако близнаците не се вратиле дома. Телата биле пронајдени во шума, а потресната сцена дополнително ја зголемила болката – браќата биле пронајдени како лежат држејќи се за раце.
Двајцата браќа биле на неколку дена пред својот 23-ти роденден, а случајот предизвика огромна тага во локалната заедница и пошироко.









