Израелскиот актер, пилот и инструктор по летање Гај Капулник (46) загина во тешка авионска несреќа во Калифорнија. Малиот едномоторен авион со кој управувал се урнал во поле во близина на аеродром, а во несреќата животот го загубила и неговата сопатничка Тејлор Ласка (33).
Несреќата се случила во близина на аеродромот „Хесерија“, во округот Сан Бернардино. Авионот бил во сопственост на училиштето за летање „Мидфилд авиејшн“, а според досегашните информации, од сè уште непознати причини леталото ја изгубило висината и се урнало.
Итните служби биле повикани во четвртокот наутро, откако сведоци пријавиле дека виделе како авион паѓа од небото.
Кога спасувачките екипи пристигнале на местото, го затекнале едномоторниот „Аеронка Чемпион“ целосно уништен, со предниот дел заглавен во земјата.
Капулник и неговата сопатничка Тејлор Ласка биле прогласени за мртви на местото на несреќата.
Сојузната управа за воздухопловство (FAA) и Националниот одбор за безбедност во сообраќајот (NTSB) отвориле истрага со цел да се утврдат точните причини и околности што довеле до падот на авионот.
Од елитна воена единица до филмскиот успех во Венеција
Гај Капулник имал исклучително разновидна животна приказна. Пред да се пресели во Соединетите Американски Држави и да се посвети на актерството и авијацијата, тој бил офицер во елитната спасувачка единица 669 на Израелските одбранбени сили.
Дипломирал информациски системи на Универзитетот Технион, а потоа интересот кон уметноста го одвел во актерското студио „Нисан Натив“ во Ерусалим.
Во текот на актерската кариера остварил улоги во повеќе филмови, меѓу кои „Соба 514“, „Салса Тел Авив“, „Чувај ме“, „Хакиран“ и воената драма „Либан“ во режија на Самуел Маоз.
Филмот „Либан“ освои „Златен лав“, една од најзначајните награди на Филмскиот фестивал во Венеција.
Летањето било неговата голема страст
Покрај актерството, Капулник уште од детството бил фасциниран од летањето. Дозволата за приватен пилот ја добил во 2015 година.
Со текот на времето продолжил професионално да се занимава со авијација, станувајќи комерцијален пилот, а потоа и инструктор по летање во Лос Анџелес.
По неговата смрт, семејството објавило порака во која се потсетило на неговиот карактер, љубопитноста и љубовта кон различните предизвици.
„Гај беше човек од акција, љубопитност и авантура. Актер, творец, наутичар и човек од морето. Низ целиот свој живот се движеше помеѓу сцената и камерата, морето и небото, и секогаш избираше нови патишта и го правеше она што го сака“, навело семејството.
Капулник зад себе ги оставил сопругата и трите деца.








