ПРВ.мк
Балкан

(ВИДЕО) СИЛНО НЕВРЕМЕ, ГРАДОТ ПОД ВОДА: Се урна мост - повредени две лица!

(ВИДЕО) СИЛНО НЕВРЕМЕ, ГРАДОТ ПОД ВОДА: Се урна мост - повредени две лица!

Силно невреме проследено со обилни врнежи го погоди грчкиот остров Крит, предизвикувајќи поплави, прекини во снабдувањето со електрична енергија и сериозни оштетувања на патната инфраструктура. Во еден од инцидентите, две лица биле повредени откако се урнал дел од мост додека со автомобил минувале преку него.

Станува збор за брачен пар кој се движел преку мост во Ливадија, планинско село кое се наоѓа на околу 40 километри југозападно од Ираклион. Во моментот кога минувале со возилото, надојдените води оштетиле дел од конструкцијата на мостот.

Двајцата повредени биле пренесени во болница, но засега нема информации за нивната здравствена состојба.

Невремето предизвикало проблеми и со електричната мрежа. Без електрична енергија останале жителите на Зонијана, Ливадија и Анојеја.

Ситуацијата била особено сериозна во планинската област Милопотамос, каде што поради обилните врнежи властите донеле одлука да ги затворат сите училишта и градинки. Настава не се одржувала ниту во Ханија и Ретимно.

Градоначалникот на Милопотамос, Јоргос Кладос, побарал во општината да биде прогласена вонредна состојба. Како причина ги навел обилните врнежи кои предизвикале сериозни проблеми, особено во планинските населени места.

Во Зонијана ситуацијата дополнително се влошила откако надојдените води носеле автомобили. Слични проблеми биле регистрирани и во Ливадија, додека на повеќе локации на Крит биле забележани оштетувања на патната инфраструктура.

Уште во раните утрински часови, надлежните упатиле апел до граѓаните да го ограничат движењето и да избегнуваат подрачјата околу Зонијана, Ливадија и Милопотамос, каде што условите биле особено тешки.

Лошото време предизвикало проблеми и во поморскиот сообраќај. Поради временските услови биле прекинати траектните линии од атинските пристаништа Рафина и Лаврио. Надлежните најавиле дополнителни информации во врска со можноста за продолжување на сообраќајот.

Националната метеоролошка служба на Грција предупредила дека нестабилното време ќе продолжи во јужниот дел на земјата, а особено на Крит, до недела. Во Егејското Море се очекуваат и силни ветрови.

ВИДЕО