Голем скандал ја потресе австралиската морнарица откако на воениот брод „ХМАС Лувин“, во пристаништето Кернс во Квинсленд, бил откриен скриен уред за видеоснимање, што предизвика сомневања дека припаднички на морнарицата биле тајно снимани додека се туширале.
Австралиските одбранбени сили потврдија дека е пронајден уред и дека веднаш е започната истрага.
Независната сенаторка Џеки Ламби изјави дека добила информации од поранешен припадник на морнарицата според кои скриени камери биле поставени во женските тушеви.
Таа предупреди дека постои можност дел од снимките веќе да биле споделени на интернет, иако тоа засега не е официјално потврдено.
„Колку наши морнарки биле снимани без нивно знаење во најприватните моменти? Колку снимки биле дистрибуирани на интернет без нивна согласност?“, праша Ламби во австралискиот Сенат.
Поради сериозноста на случајот, воениот брод бил задржан во пристаништето, додека истражителите ги проверуваат околностите и евентуалната злоупотреба на снимките.
Истрагата ја води воената полиција во соработка со цивилните надлежни органи.
Од австралиските одбранбени сили соопштија дека ваквото однесување е неприфатливо и дека на членовите на екипажот им е обезбедена поддршка.
Австралиската министерка за комуникации Аника Велс го оцени случајот како ужасен, нагласувајќи дека секој човек има право на безбедност и приватност на работното место.
И претставници на опозицијата побараа темелна истрага и мерки за заштита на припадничките на вооружените сили.
Засега не е потврдено дали навистина постојат снимки од женските тушеви, ниту дали такви материјали биле објавени на интернет. Истрагата продолжува, а властите најавуваат заштита на приватноста на потенцијалните жртви.










