Американската крајбрежна стража изврши заплена на нафтен танкер, што претставува прв ваков потег откако претседателот Доналд Трамп најави строги мерки за блокирање на санкционираните испораки на нафта поврзани со Венецуела. Акцијата е спроведена во близина на венецуелското крајбрежје, каде што американските власти ја презеле контролата врз пловилото.
Од Министерството за внатрешна безбедност на САД информираа дека операцијата била реализирана брзо и ефикасно, во соработка со Министерството за одбрана. Запленет е моторниот танкер „Centuries“, за кој постојат сомневања дека транспортирал нафта опфатена со американските санкции. Од министерството порачаа дека заедничките сили на воените и федералните служби ја демонстрираат целосната контрола врз поморските правци.
Министерката за внатрешна безбедност Кристи Ноем претходно ја потврди операцијата преку социјалната мрежа X, при што објави и видео од самата интервенција. Таа истакна дека САД ќе продолжат со мерки против нелегалниот транспорт на санкционирана нафта, за која тврди дека се користи за финансирање на криминални и терористички активности во регионот, нагласувајќи дека одговорните ќе бидат лоцирани и спречени.
Официјален Каракас реагираше остро. Потпретседателката на Венецуела, Делси Родригез, ја осуди интервенцијата, оценувајќи ја како незаконско одземање на приватен венецуелски танкер и присилно исчезнување на екипажот, за што, според неа, одговорност носи американскиот воен персонал кој дејствувал во меѓународни води.
Родригез ја квалификуваше акцијата како пиратски чин и сериозно прекршување на меѓународното право, најавувајќи дека Венецуела ќе се обрати до Советот за безбедност на Обединетите нации.
















