ПРВ.мк
Црна Хроника

СВЕДОЦИТЕ НА ДЕКО НЕ СЕ ПОЈАВИЈА ВО СУДНИЦА: Од седум најавени, само двајца дојдоа на рочиштето за „Пулс“!

СВЕДОЦИТЕ НА ДЕКО НЕ СЕ ПОЈАВИЈА ВО СУДНИЦА: Од седум најавени, само двајца дојдоа на рочиштето за „Пулс“!

Проблеми со обезбедувањето на сведоците на одбраната го одбележаа денешното рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“. Од седумте сведоци чие присуство било најавено, во судницата се појавиле само двајца, а повлекувањето на двајца од нив предизвика реакција од судијката Дијана Груевска-Илиевска.

Рочиштето се одржа во судницата во „Идризово“, каде што судијката ѝ укажа на одбраната дека има обврска да го обезбеди присуството на сведоците што самата ги предложила.

„Вие да не ги повлечевте, јас со полиција ќе ги донесев, имам право за тоа“, ѝ порача судијката на одбраната, реагирајќи на одлуката двајца сведоци да не бидат повикани, објави 4news.mk.

Груевска-Илиевска нагласи дека одбраната треба да се погрижи нејзините сведоци да дојдат на судење, исто како што Обвинителството го обезбедувало присуството на сведоците при изведувањето на своите докази.

Одбраната на првообвинетиот Дејан Јованов-Деко објасни дека дел од лицата што биле предложени за сведоци не сакаат да учествуваат во постапката и да сведочат.

„Дел од сведоците не сакаат да се појавуваат во ваква постапка и да сведочат“, посочија од одбраната.

Ситуацијата предизвика и реакции кај присутните родители, од кои дел незадоволно дофрлија во судницата: „На пазар сме или на судење“.

За денешното рочиште биле предвидени сведочењата на Анастасија Соколова, која била вработена во дискотеката „Пулс“, и Бојан Спасовски, угостител од Гевгелија.